Управа за електронско здравство

СКРИНИНГ

Во Програмата за рана детекција на малигни заболувања, министерството за здравство активно ја спроведува Програмата за рана детекција на малигни заболувања, со посебен фокус на превенцијата и раното откривање на карцином на дојка. Не одложувајте, пријавете се! 

Превенцијата е најдобар лек. 

Скрининг програма за рано откривање на карцином на дојка

Скринингот претставува преглед на жени без присутни симптоми на болеста, со цел да се открие ракот на дојката во неговиот претклинички стадиум. Со раното откривање на ракот на дојка се продолжува животот на жената и се намалуваат трошоците за лекување.

 

Што е мамографија и како се прави?

Мамографијата е рендгенски преглед со висока специфичност за откривање на промени во дојката. Во мамографијата се користат мали дози на зрачење за да се добие мамографска снимка.

Изведувањето на мамографијата како метод опфаќа снимање на дојките, при што се прават две снимки, во две насоки, на секоја дојка.

Што е карцином на дојка?

Ракот на дојка е малигна промена што настанува кога нормалните клетки почнуваат неконтролирано да се делат и множат и да го уништуваат околното здраво ткиво на дојката, а подоцна и другите органи.

Дополнителни ризик-фактори за ракот на дојка се појавуваат кај жени кои:

  • Имаат семејна историја на оваа болест, и тоа мајка или 2 или повеќе жени во семејството;

  • Првата менструација ја имале пред 12 години, а последната менструација над 55 годишна возраст;

  • Не родиле или првпат родиле после 35 годишна возраст;

  • Долготрајно користат хормонска терапија, алкохол или тутун;

  • Имаат прекумерна телесна тежина;

  • Физички не се активни.

Но, ракот на дојка не е секогаш поврзан со горенаведените ризик-фактори, туку се јавува кај жени што немаат ниту еден од нив и е случајна болест.

Може да се пријават жени на возраст од 40-69 години кои се без присутни симптоми за рак на дојка, и кои последните две години не направиле мамографија.

Прегледот за скрининг мамографијата согласно Скрининг програмата за рано откривање на рак на дојка е БЕСПЛАТЕН.

 

Скрининг програма за рана детекција на карцином на дојка

Политиката на Министерството за Здравство е да се грижи за здравјето на сите граѓани. Посебен акцент години наназад се превентивните активности во рамки на Програмата за рана детекција на малигни зболувања во која спаѓа скрининг на карцином на дојка.

Како се препознава?

  • Нова грутка во дојката;

  • Рани на брадавицата на дојката што не се поврзани со доење;

  • Промени на бојата, големината или обликот на дојката, црвенило, оток и задебелена кожа;

  • Вовлекување на брадавицата или кожата на дојката;

  • Исцедок од брадавицата што не е мајчино млеко.

Редовните мамографски прегледи овозможуваат откривање на ракот на дојка во рана фаза, а раната детекција, односно скринингот, е клучна за успешно лекување.