Често Поставувани Прашања (ЧПП)

1. Основни информации за системот “Мој Термин”
  • Што е „Мој Термин“?
    Мој Термин е национален систем за електронско здравство кој обезбедува интегрирано управување со голем број здравствени услуги. Преку системот може да се закажуваат прегледи, да се следат здравствените евиденции на пациентите, да се управуваат електронските рецепти, како и да се анализираат здравствени податоци. Ова се само дел од функционалностите што системот ги нуди, со цел да се подобри ефикасноста и квалитетот на здравствените услуги.
  • Кој ги креира термините за преглед?
    Термините за преглед ги креираат докторите, односно здравствената установа во која тие работат. Според законот, тие се должни до 10-ти во тековниот месец да ги креираат и одобрат термините за прегледите за следниот месец. Специјалистите и супспецијалистите го прават ова преку електронскиот здравствен систем, што овозможува пациентите да бидат информирани за достапните термини и да ги закажат своите прегледи на време.
  • Кој може да закаже преглед?
    Преглед може да закаже единствено доктор, преку издавање на упат, согласно важечките прописи.
2. Упат и негови видови
  • Дали ми е потребен нов упат за контролен преглед во рок од 30 дена од првиот преглед?
    Не, ако контролниот преглед се одвива во рок од 30 дена од првиот преглед, нов упат не е потребен. Во вакви случаи, лекарот продолжува со следење на пациентот без да издава нов упат, бидејќи контролата е дел од почетната дијагностичка процедура.
  • Што значи упат без термин, колку време е валиден и кога се издава?
    Упатот без термин значи дека не сте определени за точно време на преглед. Може да се случи да не бидете прегледани истиот ден, доколку во установата нема услови за тоа. Важноста на упатот без термин е 7 дена од денот на издавањето. Овој упат се издава за посебни случаи, кои лекарот мора да ги наведе во упатот.
  • Што значи упат за Итен случај 24 и кога се издава?
    Упат за Итен случај 24 се издава во итни, животозагрозувачки ситуации. Пациентот со ваков упат треба да биде прегледан во рок од 24 часа од издавањето на упатот, како би се обезбедила брза медицинска интервенција.
3. Процес на закажување и откажување прегледи
  • Како може да проверам кога лекарот има слободен термин?
    Слободните термини на лекарите може да се проверат на јавниот портал mojtermin.mk, каде пациентите имаат пристап до ажурирана листа со расположливи термини.
  • Како може да откажам преглед?
    Прегледот може да го откажете на неколку начини:
    • Преку СМС порака: Испратете СМС порака на телефонскиот број 144 194. Во содржината на пораката наведете го само бројот на електронскиот упат.
    • Преку Вашиот профил: Откажувањето може да се изврши преку Вашиот личен профил на мобилната апликација или порталот Мое здравје.
    • Преку лекарот: Можете да го контактирате лекарот кој го издал упатот за да го откаже прегледот.
    Важно е откажувањето да се направи веднаш штом дознаете дека не можете да присуствувате, со цел терминот да биде искористен од друг пациент.
  • Кој е одговорен за откажување на закажан преглед?
    Секој пациент има можност и обврска да го откаже закажаниот преглед доколку не може да присуствува.
4. Периодични и контролни прегледи
  • Дали пациентот треба да оди до својот матичен лекар за да добие упат за контролен преглед ако тоа го препорача специјалист?
    Не, пациентот нема потреба да оди до својот матичен лекар за да добие упат за контролен преглед. Согласно одредбите од Законот за здравствена заштита, ако лекарот специјалист/супспецијалист утврди потреба од контролен преглед, има обврска да го закаже преку електронскиот здравствен систем. Ова значи дека целокупниот процес на закажување на прегледот се врши од страна на специјалистот, без потреба од дополнителни посетувања на матичниот лекар.
  • Како се испраќаат СМС известувањата за закажаниот преглед?
    СМС известувањата за закажаниот преглед се испраќаат автоматски на телефонскиот број кој е запишан на упатот.
5. Други важни информации
  • Што е важно да направам ако настане промена со мојот термин за преглед?
    Ако настане промена со терминот, установата е должна да ве извести за истата на дадениот телефонски број за контакт. Затоа, многу е важно да обезбедите точен телефонски број при закажувањето на прегледот, бидејќи само на тој начин ќе можете да бидете информирани за сите промени на вашиот термин.
  • Како може да ги проверам податоците за издаден упат?Податоците за издаден упат може да се проверат на јавниот портал mojtermin.mk, во делот „Пронајди упат“.