Управа за електронско здравство
СКРИНИНГ
Во Програмата за рана детекција на малигни заболувања, министерството за здравство активно ја спроведува Програмата за рана детекција на малигни заболувања, со посебен фокус на превенцијата и раното откривање на рак на грлото на матката. Не одложувајте, пријавете се!
Превенцијата е најдобар лек.
Скрининг програма за рано откривање на рак на грлото на матката
Репродуктивното здравје на жените е еден од клучните аспекти за целокупното здравје и благосостојба. Министерството за здравство на Република Северна Македонија ја спроведува Скрининг програмата за рано откривање на рак на грлото на матката, со цел подигнување на свесноста за важноста на редовните прегледи и превентивните мерки.
Значењето на ПАП тестот
ПАП тестот претставува едноставна, безболна и ефикасна метода за откривање на абнормални промени во клетките на грлото на матката. Раната детекција на овие промени овозможува навремена интервенција и третман, со што значително се намалува ризикот од развој на рак. Редовното тестирање е од исклучителна важност, бидејќи ракот на грлото на матката често нема видливи симптоми во раните фази, но може успешно да се спречи доколку се открие навреме.
Електронска регистрација за ПАП тест
Како дел од напорите за подобрување на пристапот до здравствените услуги, од 2022 година е овозможена електронска регистрација за ПАП тест. Оваа иницијатива овозможува секоја жена која сака да направи ПАП тест да се регистрира на едноставен и брз начин.
- Со пополнување на електронската форма, пациентката се регистрира за тестот директно во системот Мој Термин.
- Матичниот гинеколог автоматски добива информација за регистрацијата, без потреба од дополнителни повици или посети во ординацијата.
Како функционира процесот?
- Регистрација – Пациентката се пријавува за ПАП тест преку електронската форма во системот Мој Термин.
- Известување – Матичниот гинеколог добива информација за извршената регистрација.
- Закажување – Согласно распоредот за тестирање, матичниот гинеколог ја контактира пациентката и ја информира за точниот датум и час на тестирањето.
- Издавање упат – Матичниот лекар издава соодветен упат за ПАП тест, со што се олеснува пристапот до оваа важна здравствена услуга.
Зошто е важно да направите ПАП тест?
- Овозможува рано откривање на преканцерозни промени и навремена интервенција.
- Го намалува ризикот од развој на рак на грлото на матката.
- Тоа е брза, безболна и достапна процедура.
- Редовните прегледи се најдобрата превенција за зачувување на вашето здравје.
Вклучете се во програмата
Министерството за здравство ги охрабрува сите жени да го искористат ова право и редовно да вршат превентивни гинеколошки прегледи. ПАП тестот е едноставен начин да се заштитите себеси и вашето здравје.
За повеќе информации за програмата и закажување на ПАП тест, посетете ја официјалната веб-страница на Министерството за здравство или контактирајте го вашиот матичен лекар.
150 нови случаи секоја година
60 смртни случаи поради оваа болест
Скрининг програма за рана детекција на рак на грло на матка
Политиката на Министерството за Здравство е да се грижи за здравјето на сите граѓани. Посебен акцент години наназад се превентивните активности во рамки на Програмата за рана детекција на малигни зболувања во која спаѓа скрининг на рак на грло на матка.
Главната цел на оваа програма е да се намали инциденцата и смртноста на жените од рак на грлото на матката во Република Северна Македонија. Покрај оваа цел скрининг програмата исто така е наменета:
-
Да го зголеми бројот на лица опфатени со организираниот скрининг.
Да ја подигне свеста кај жените за важноста од редовни превентивни прегледи и вклученост во овој организиран скрининг. -
Да го зголеми бројот на гинеколози вклучени во организираниот скрининг.
Кој ја води?
1. Избраните матични гинеколози на ниво на цела држава.
2. Цитолошките лаборатории од ЈЗУ.
За кого е наменета?
Препорака на Светската здравствена организација е жените вклучени во скринингот да бидат на возраст од 21 – 59 години.
Секоја жена има право да направи ПАП тест кај својот матичен гинеколог во рамките на превентивните цели што треба да ги оствари согласно потпишаните договори со Фондот за здравствено oсигурување на Република Северна Македонија.