18-19 февруари 2025 година, Скопје, Северна Македонија
Во рамки на иницијативата за зајакнување на дигиталното здравство во Босна и Херцеговина, Светската банка организира студиска посета во Северна Македонија за претставници од здравствениот сектор на Република Српска (РС). Главен партнер и домаќин на оваа посета е Управата за електронско здравство, во соработка со Министерството за здравство и Фондот за здравствено осигурување на Северна Македонија.
Студиската посета има за цел да обезбеди размена на знаење и искуства во областа на дигиталното здравство, особено во контекст на стратешко планирање, имплементација и управување со електронските здравствени системи. Главните фокус области вклучуваат:
•Запознавање со правната и организациската рамка за дигитално здравство во Северна Македонија.
•Презентација на дигиталните здравствени системи и нивната имплементација
•Размена на добри практики и предизвици во дигитализацијата на здравствениот сектор.
•Теренски посети во здравствени установи, каде што се применуваат дигитални здравствени решенија.
Посетата е организирана од Светската банка, во соработка со Министерството за здравство и социјална заштита на Република Српска. Учесници се претставници од клучни јавни институции во РС, Министерството за здравство и социјална заштита на РС, Фондот за здравствено осигурување на РС како и претставници од здравствени установи во РС.
Од македонска страна, студиската посета ја водат експерти од Управата за електронско здравство, предводени од директорот м-р Фикрет Шабани; Министерството за здравство и Фондот за здравствено осигурување. Активно учество имаат и деканот на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), проф. д-р Боро Јакимовски, со презентација на тема „Инфраструктура, сајбер безбедност и идни предизвици во дигиталното здравство“ како и компанијата Сорсикс, како изведувач на софтверското решение за системот „Мој Термин“, со презентација на тема „Анализа и обработка на системски податоци во дигиталните системи“.
Дополнително, учесниците ја посетија Здравствената установа ЗД Железничар, каде во присуство на заменик министерот за здравство, Јовица Андовски, директорот на установата и медицинскиот персонал ја презентираа работата на установата и користењето на дигиталните системи во секојдневната работа.
Како водечка институција во областа на дигиталното здравство во Северна Македонија, Управата за електронско здравство активно придонесува кон регионалната соработка и размена на знаење. Оваа студиска посета претставува можност за зајакнување на партнерствата, споделување на успешни дигитални решенија и поддршка на реформите во здравствените системи на земјите од регионот.


