Како дел од Програмата за рана детекција на малигни заболувања во Република Македонија за 2015 година предвидено е да се спроведе скрининг за рано откривање на карцином на дојка преку мамографски скрининг.

Мамографски скрининг претставува правење на мамографија на здрава женска популација, без присутни симптоми, со цел да се открие рак на дојката во неговиот претклинички стадиум. Организацијата на скринингот ќе биде во јавните здравствени установи кои имаат мамографски апарати. Ќе бидат опфатени асимптоматски жени на возраст од 50-69 години, со покана да дојдат на мамографија.

Скринингот за малигни заболувања во Р. Македонија е организиран и финансиран од Министерството за здравство и е дел од приоритетните национални здравствени програми.

Во склоп на програмата е изработена и апликација, која овозможува лесно и ефикасно внесување и ажурирање на потребните податоци преку едноставен и интуитивен кориснчки интерфејс. Апликацијата е интегрирана со националниот систем за електронски евиденции во здравството – Мој Термин. Оваа апликација е достапна само за здравствените работници кои се вклучени во Скринингот.

Подетални информации можете да добиете на официјалната страна на Националната програма за рана детекција на малигни заболувања.